Интегрален текст од видео обраќање на претседателот на СДСМ, Зоран Заев
Овие основни мерки за заштита мора да бидат наше правило од кое нема да отстапуваме. Наш заеднички влог за новата нормалност и заштита на здравјето на луѓето. На тој начин, сите ние, делуваме како тим. Заеднички си помагаме, но им помагаме и на здравствените работници кои со месеци се на првата линија на борбата со вирусот. Новата нормалност значи дека живеачката ќе продолжи согласно протоколите за заштита, а со тоа и сите наши секојдневни обврски и активности. Семејни, приватни, професионални.
Во таква, нова нормалност, ќе се одвиваат и сите процеси во нашето општество. Така ќе функционираат градинките, училиштата, факултетите, јавниот живот, театрите, фабриките, јавниот транспорт… Политичкиот систем кој денес е во крајно комплицирана состојба исто така ќе функционира во рамки на оваа нормалност. На граѓаните, на државата, им се неопходни законодавна и извршна власт, ново Собрание и политичка Влада со полн капацитет и целосен, нов легитимитет од граѓаните. Институции со целосен легитимитет за да создадат услови за новата нормалност и подготвени да го дочекаме новиот бран на коронавирусот наесен. Нашата татковина има потреба од избори во првиот можен термин за да го дочекаме септември подготвени. Со полн капацитет да го заштитиме здравјето на граѓаните и да ја рестартираме македонската економија.
Сега е време да покажеме дека заедно можеме да ја обезбедиме новата нормалност, да го заштитиме здравјето и да ја рестартираме македонската економија.