Околу 300 килограми кокаин биле пронајдени во Студентски град во Софија, а според првичните информации, станува збор за „депо” за дистрибуција на дрога, а кокаинот најверојатно бил наменет за дистрибуција надвор од Бугарија, јави БГНЕС.
Бугарската полиција вчера соопшти дека на 24 мај привела 31-годишен маж во Студентски град откако во неговиот автомобил открила околу 40 килограми кокаин. По приведувањето бил извршен и претрес во неговиот дом, при што се откриени повеќе од 250 килограми кокаин.
Вредноста на 40 килограми кокаин на наркопазарот може да достигне до 10 милиони лева (околу пет милиони евра).
Кокаинот во Западна Европа и на Балканот доаѓа главно од Јужна Америка. Во Софија на почеток од годината беа откриени речиси 550 килограми кокаин, скриен во овошје увезено од Колумбија. Криминалната група што го увезла колумбиски кокаин во Бугарија беше неутрализирана во заедничка акција на полицијата на Шпанија, на Холандија и на Колумбија.