Го поздравуваме храбриот предлог на Европската комисија за пакетот од 750 милијарди евра, главно во форма на грантови финансирани преку заедничко издавање на долг, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на неговиот „Твитер” профил коментирајќи го предлогот на ЕК за „Фондот за закрепнување”, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас рече дека предлогот ги исполнува четирите предуслови поставени од Грција за „Фондот за закрепнување”: да биде голем и амбициозен, да е флексибилен, да се базира повеќе на грантови, а помалку на заеми и да се финансира од заеднички европски заем.
-Грција е од земјите што ќе има повеќе корист од предлозите на Европската комисија, бидејќи засилениот „финансиски пакет” што ѝ следи, од десетици милијарди евра го отсликува нејзиниот засилен кредибилитет, вели Пецас и додава дека Владата ќе го искористи пакетот за динамично рестартирање на економијата во корист на сите Грци, „со претпазливост и одговорност, нема да го потрошиме, туку ќе го инвестираме за да ја трансформираме Грција “.