Граѓаните мора во целост да ги почитуваат мерките и препораките на Министерството за здравство за заштита од коронавирусот, покрај олабавувањето на рестриктивните мерки, велат од Министерството.
Останува задолжително носењето на заштитна опрема, честото миење и дезинфицирање на рацете, како и одржувањето на потребната физичка дистанца од 1.5 до два метра.
„Само преку почитување на овие мерки, ние може да го заштитиме нашето здравје и здравјето на најблиските. Од сите нас зависи успешното справување со коронавирусот“, се наведува во соопштението.
Од денеска се укинува полицискиот час на територијата на целата држава.
„Оваа одлука е донесена врз база на детална анализа за досегашниот три месечен период откако е дијагностициран првиот случај со коронавирус во земјава. Заклучокот е дека соодветно се почитуваат препораките и алгоритмите на Комисијата за заразни болести, пришто превземените мерки дадоа одредени резултати. Еден од факторите за намалувањето на рестриктивните мерки е намалениот мобирдитет, морталитет, леталитет кој ги следи европските и светските трендови“, велат од МЗ.
Во однос на регистрираните случаи со Ковид-19, од Министерствто велат дека тие се контролираат и се во постојана комуникација со медицинскиот тим.
Во овој момент, се додава во соопштението, 50 посто од капацитетите се исполнети во болничките установи, има доволен број на легла, заштитна опрема, како и респираторни машини.