Мнозинството европратеници на денешната пленарна сесија ги поздравија предлозите на Европската комисија за планот за закрепнување. Според нив, „иднината на ЕУ е во прашање“, јави дописникот на МИА од Париз.
Фокусирана на идните генерации, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен дебатираше за стимулативниот пакет од 750 милијарди евра, кој ќе биде вклучен во ревидираниот долгорочен буџет на ЕУ.
По презентацијата на претседателката на Комисијата и заложбата што ја даде претставникот на хрватското претседателство на Советот, Николина Брњац, да работи со земјите-членки за брзо завршување на преговорите со Парламентот на новиот пакет, лидерите на политичките групи го поддржаа овој амбициозен план.
Комисијата, исто така, ја претстави својата изменета програма за работа за 2020 година, со која ќе се даде приоритет на активностите потребни за закрепнување и отпорност на Европа.
Манфред Вебер (ЕНП, Германија) оцени дека европската солидарност се врати и дека се отвора ново поглавје за ЕУ .
– Овие свежи пари треба да бидат потрошени на нови идеи, а не на минатите проблеми во Европа. Солидарноста оди заедно со одговорноста, па затоа е неопходно јасно да се знае како ќе се вратат парите, додаде тој, повикувајќи на нови сопствени ресурси на ЕУ и дигиталните гиганти да земат учество во тоа.
Ираткс Гарсија Перез (СиД, Шпанија) и се заблагодари на Урсула фон дер Лајен за нејзиниот амбициозен предлог и за тоа што му ја дава на Парламентот „улогата што ја заслужува” во изработката на планот за закрепнување. Според претседателот на групата на социјалсистите, во прашање е опстанокот на европскиот проект. Тој го повика Советот да го усвои новиот долгорочен финансиски пакет со квалификувано мнозинство за да се избегне ЕУ да биде заложник на четири држави членки кои претпочитаат национален одговор на европски одговор.
– Ова е досега невиден историски момент за пресврт на Европа и долгорочниот финансиски пакет и планот за обновување мора да се фокусираат на иднината, земајќи ги како основа Зелениот пакт и дигиталната агенда, рече Дачијан Чилош (Ренесанса на Европа, Романија).
– Можеби не се согласуваме со некои детали, но јас искрено го поздравувам ваквиот пристап , заклучи тој, потсетувајќи ги земјите-членки дека „ЕУ не е машина за готовина”. Тој истакна дека „солидарноста е придружена со вредности”.
Јарг Мејтен (Незаписани, Германија) го отфрли предлогот на Комисијата, нарекувајќи го „целосно лош и апсурден”, без вистинска правна основа и за кој нема одговорност и економска смисла. Комисијата сака да потроши пари „како да нема утре”, по што тој заклучи дека „ова е тешка цена за плаќање на европските даночни обврзници”.
– Не смееме да ги повторуваме големите грешки на минатото и да ги заложиме земјите на штедење и слепи идеологии на пазарот. Напротив, треба да се осигураме дека парите се добро вложени во проекти што ќе помогнат долгорочно, ќе создадат работни места и ќе ја спасат нашата планета, рече Ска Келер (Зелените / АЛЕ, Германиј ).
– Ако дозволиме грантови и заеми, мора да има јасни услови. Парите мора да одат таму каде што е најпотребно, а безбедносните механизми мора да бидат воспоставени за нашите претпријатија. Луѓето кои работат и штедат не треба да „трошат” пари за овие програми, рече Јохан Ван Овертвелдт во името на групата на Европските конзервативци реформатори (Белгија).
-Наместо да претпоставите јасен прекин со догмите од минатото, планот за обновување запира среде преминот, рече Манон Обри во името на Европската обединета левица (Франција).
Поздравувајќи ги новите предлози за сопствени ресурси, таа повика на поништување на долгот на кризата, воспоставување директни постојани заеми за земјите-членки и условување на јавна поддршка за компаниите со социјални услови.
Европскиот парламент и Советот ќе расправаат за нови предлози и ќе одлучуваат за конечната форма на пакетот во текот на претстојните преговори.