Палмер: Црна Гора и Србија треба со разговар да ги надминат недоразбирањата

Србија и Црна Гора треба да разговараат, владите треба да комуницираат и треба да има отворени канали за комуникација, порача Метју Палмер, заменик-помошникот државен секретар и специјален претставник на Стејт департментот за Западен Балкан. Повод за ваквата порака со смирувачки тон меѓу соседите доаѓа по одлуката на Црна Гора на списокот со држави чии граѓани можат да влезат во оваа земја да не се најде Србија. Црна Гора стана првата земја во Европа што прогласи крај на пандемијата, откако со денови не забележа нови случаи на заразени од коронавирус.

Палмер за Гласот на Америка изјави дека Црна Гора има право да воспостави параметри за тоа кој може да влезе во земјата, но додаде дека треба и „внимателно да размисли како тоа може да влијае на односите со важен сосед, како ќе влијае на туризмот, со оглед на важната улога на српските туристи во црногорската економија“.

„Има простор за разговор, кој треба да биде отворен, транспарентен, мирен и да се идентификува патот напред, во корист на сите. Србија и Црна Гора секогаш ќе бидат соседи и треба да најдат начин да ги решат овие проблеми во партнерство“, рече Палмер.

Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, изјави дека одлуката за затворање и отворање на границите не е насочена против никого. На почетокот на следната недела Црна Гора ќе ги отвори своите граници со државите каде што бројот на заразени е помалку од 25 во однос на 100.000 жители, а на таквиот список се најдоа: Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Унгарија, Албанија и Грција.

Откако Србија не беше на списокот на земји со кои Црна Гора ќе ја отвори својата граница на 1 јуни, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, ги повика своите сограѓани да не одата на летување во Црна Гора. Српските власти решија да им забранат на авионите на „Montenegro Airlines“ да слетаат на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.

 

Треба да знаете
Последни објави