Од 1 март до 25 мај повеќе од една половина од вработените во приватниот сектор во Франција беа опфатени со барања од нивните претпријатија да го користат инструментот за делумна невработеност, јави дописникот на МИА.
Од почетокот на кризата, вкупно 12,9 милиони вработени се опфатени со барање за претходно одобрување од дирекцијата за труд за делумна активност.
Од 1 март до 25 мај, државните служби добија 1.337.000 барања за одобрување за вкупно 5,6 милијарди работни часови. Ова претставува приближно 12 недели со 35 часа за секој вработен. Во однос на распределбата на овие барања, според големината на структурата, 47 отсто од вработените кои биле предмет на барање работеле во компанија со помалку од 50 вработени. Големите структури, односно оние со повеќе од 250 вработени, претставуваат 33 отсто од работниците во делумна активност. Што се однесува до секторите на активност, барањата главно беа концентрирани во: специјализирани, научни и технички активности, административни и услуги за поддршка (20 отсто), трговија (16 отсто) и градежништво (11 отсто). Конечно, на регионално ниво, Ил де Франс учествуваше со 25 отсто од барањата, а регионот Оверњ-Рона-Алпи, со 13 отсто.