По отворањето на границите во Хрватска имало навалица пред сè кога станува збор за Словенците, но хрватските морски дестинации и натаму се речиси празни. Во моментов престојуваат околу 20.000 туристи во Хрватска, од кои 17.000 се на Јадранот, а околу 3.000 на континентот. Ровињ, една од најпопуларните хрватски летни дестинации, е празен.
„Тоа е како да сме во февруари, само е потопло. Необично е, но мислам дека ќе биде поинаква сликата за неколку месеци#, изјави Роман од Словенија за Нова ТВ.
Бројките не се ни приближно како лани, кога во Ровињ имаше околу 10.000 гости, но Туристичкиот одбор вели дека ситуацијата конечно се подобрува.
Засега, домашните туристи ја спасуваат сезоната. За нив, цените се само малку поевтини, додека за странскиот пазар цената е полна.
„Домашните гости веројатно ќе пристигнуваат, додека странците ги очекуваме од август. Ние нудиме некои попусти за домашните гости, но за странците има нормални цени како и секогаш“, изјави газдарицата Јелена Ивковиќ за Нова ТВ.
За летување во Хрватска најмногу се заинтересирани Германците, кои на Гугл ги пребаруваат хрватските дестинации за одмор многу повеќе отколку за Шпанија, Италија или Грција.
Претседателот на Здружението на туристички агенции, Томислав Фаин, предупредува дека ќе потрае тешкиот период.
„Мора да бидеме реални и свесни дека нè чека тежок период кој ќе трае, па дури и во 2021 година нема да биде како што беше во 2019 година. Мора да бидеме подготвени за тоа, мора да се подготвиме“, рече тој.