Доколку стане претседател на САД, Џо Бајден ќе воведе санкции кон Кина заради планот за примена на новите правила за национална безбедност во Хонгконг, соошѓтено е од кампањата на Бајден.
Во кампањата на Бајден, кој најверојатно ќе биде кандидат за претседател на демократите, го обвинуваат претседателот на САД и кандидатот на републиканците, Доналд Трамп дека му дозволиле на Пекинг да ја ограничи слободата во поранешната британска колонија.
Вишиот советник за надворешна политика на Бајден, Тони Блинкен изјави дека Соединетите Држави мора да заземат став против кинеските активности во Хонгконг, пренесува „Ројтерс“.
Тој додаде дека Бајден, инаку поранешен потпретседател на Соединетите Држави, ќе ги собере американските сојузници за да изврши притисок врз Кина и да го критикува Трамп затоа што го пофалил кинескиот лидер Кси Џинпинг и покрај антивладините протести на таа територија минатата година.
Блинкен додаде дека администрацијата на Бајден целосно ќе го примени Законот за човекови права и демократија во Хонгконг, вклучувајќи санкции против службени лица, финансиски институции, компании и поединци.
Илјадници демонстранти се собраа вчера во Хонгконг за да протестираат против планот на Пекинг за воведување нови закони за безбедност, полицијата употреби бибер спреј за да го растури недозволениот митинг, а имало и апсења.