Советот на Град Скопје на денешната седница ќе расправа за Извештајот за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2020 година, за периодот од 01.01.2020 до 31.03.2020 година. Во остварувањето на приходите на Буџетот на Град Скопје во првото тромесечје од 2020 година, како последица од новонастанатата состојба со коронавирусот, имаме помал прилив на финансии средства во однос на минатите години.
Во првиот квартал од 2020 година, вкупните приходи и други приливи се остварени во износ од милијарда денари, што претставува остварување од 13% во однос на планираното за целата 2020 година. Споредено со истиот период од 2019 година, остварените приходите во првиот квартал од 2020 година бележат намалување од 11,8%.
Остварените приходи во буџетот на Град Скопје за овој период, поделени по области се: трансфери и донации (46,9%), даночните приходи (44%), неданочни приходи (6,3%) и капитални приходи (2,7%).
Вкупните расходи и други одливи во буџетот на Град Скопје за првиот квартал од 2020 година, се извршени во износ од 1.2 милијардa денари, што претставува извршување од 16% во однос на планираните расходи и одливи за 2020 година.
Основниот буџет во првото тромесечје од 2020 година има остварени приходи во износ од 543 милиони денари, што претставува остварување од 11% во однос на планираното за цела 2020 година, а истото е намалено од 10 од 15 процентни поени во однос на изминативе 5 години. За подмирување на реализираните расходи во периодот, Град Скопје искористи дел од вишокот на приходи од минататa година во износ од 321.769.620 денари.
Расходите во основниот буџет за споменатиот период, се извршени во износ од 864 милиони денари, со процентуално извршување од 17 % од планираните средства за 2020 година.
Приходите во буџетот на дотации за споменатиот период од 2020 година се остваруваат во согласност со динамика за трансферирање на одобрените средства, утврдена од ресорните министерства и истите се остварени во вкупен износ од 454 милиони денари, со процент на остварување од 24 % од планираните средства за 2020 година. Расходите во буџетот на дотации се извршени во износ од 346 милиони денари, односно процентуалното извршување изнесува 18% од планираните средства за 2020 година.
Во буџетот на самофинансирачки активности кој, всушност, е буџет на 23 (дваесет и три) средни училишта и 8 (осум) културни институции под надлежност на Град Скопје, остварени се приходи во износ од 30 милиони денари, а расходи во износ од 34 милиони денари.