Индонезискиот министер за безбедност се најде на удар на јавни критики откако го спореди коронавирусот со жените, во обид да ги смири грижите на граѓаните поради олеснувањето на строгите епидемиолошки мерки.
Индонезиската влада планира во некои делови на земјата да го укине карантинот и да се подготви за, како што сега популарно се нарекува, „новото нормално“.
„Дали засекогаш да останеме затворени? Можеме да се прилагодиме на ситуацијата и истовремено да се грижиме за нашето здравје“, рече министерот Мохамад Махфуд во видеото објавено на „Јутјуб“ во средата.
„Пред некој ден добив мем од една пријателка кој вели: „Короната е како жена. Прво сакате да ја контролирате, но сфаќате дека тоа не функционира. Потоа ќе се научите да живеете со неа“, рече тој.
Таа изјава предизвика жестоки реакции од активистките за женски права и други Индонезијци.
Некои граѓани се загрижени за отворањето на економијата бидејќи ширењето на инфекцијата сè уште не е стопирано.