Група студенти на ФИНКИ инспирирани од новонастанатата ситуација со цел да се помогне на жртвите од семејно насилство во време на коронавирусот го сработија овој проект. Целта на проектот е да се подигне свеста на граѓаните за стапката на семејно насилство.
Истражувањето на студентите го пренесуваме во целост:
Семејното насилство е проблем кој е длабоко вкоренет во општеството.
Според официјални статистики 14 отсто од жените биле жртва на физичко или сексуално насилство откако наполниле 15 години, од партнер или од друго лице. Околу 44 проценти од жените биле жртви на психолошко насилство од интимен партнер.
Овие загрижувачки статистики беа мотив за нас, група студенти на ФИНКИ, да го започнеме проектот #БезбедниДома со цел да ги охрабриме жртвите на семејно насилство да пријават, да се рашири информацијата дека постојат мерки на заштита, и да се подигне свеста на граѓаните за постоењето на овој проблем.
Спроведовме анкета чиишто резултати ги потврдија хипотезите кои ги поставивме, односно дека семејното насилство бележи пораст за време на карантинот, дека најголем дел од жртвите се жени, како и фактот дека жртвите најчесто не се одлучуваат да го пријават насилството.
Токму затоа, стапивме во контакт со Македонското Здружение на млади правници со цел да се информираме како може да им се помогне на жртвите од семејно насилство.
Кога кај нив ќе се обрати странка која нема храброст да го пријави делото, со цел да ја охрабрат, и нудат можност за советување од страна на советник од СОС Детско село. Исто така, ни објаснија дека голем дел од жртвите не ги знаат можностите кои државата ги обезбедува (шелтер центар, бесплатен медицински преглед, психолошка и правна поддршка од Центарот за социјална работа). По спроведување на кривичната постапка жртвата има право да поведе постапка за надомест на штета од сторителот.
Целиото интервју со Македонското Здружение на Млади Правници може да го погледнете тука.
Дополнително, како иновативна опција за психолошка поддршка во процес на изработка е платформата е-психолог.
Во склоп на нашиот проект разговаравме и со психијатар, д-р. Оливера Суботин-Поповска. Во интервјуто исто така се потврдија заклучоците од нашата анкета, како и статистиките дека најчесто жените се жртви на семејно насилство, поради, како што вели доктор Оливера, општеството во кое живееме и традиционалните ставови за половите улоги во семејството.
Бидејќи во нашата анкета се докажа дека најголем дел од жртвите не пријавуваат насилство, и продолжуваат да живеат со насилникот, не интересираше зошто е тоа така, од психолошки аспект. Добивме одговор дека причината за тоа се културните норми кои го поддржуваат правото на мажот да биде насилен со својата интимна партнерка, слабите казни за таквото однесување, како и страв од одмазда, финанскиска зависност од насилникот и страв од осуда од околината.
И според доктор Оливера, семејното насилство е зголемено за време на карантинот бидејќи насилникот и жртвата поголемиот дел од времето го минуваат заедно, при што се затворени сите места каде може да се канализира агресијата.
Интервјуто со д-р Оливера може да го прочитате на следниов линк.
Целта на овој проект е да се охрабрат жртвите на семејно насилство, истото да го пријавуваат, а оние кои се сведоци да не го премолчуваат. Не сте сами, секогаш постои излез!
#БезбедниДома е проект, граѓански активизам на студенти на ФИНКИ.