Студија спроведена од Американското биро за попис во соработка со пет сојузни агенции откри дека една третина од возрасните Американци се борат со вознемиреност или депресија среде пандемијата на коронавирус, пренесува „Њујорк пост“.
Со најмалку 100.000 смртни случаи пријавени во САД како резултат на Ковид-19 и повеќемесечната домашна изолација, од која се погодени милијарди луѓе на глобално ниво, менталното здравје стана сериозен проблем.
Студијата, која беше почната на 23 април, траеше 90 дена и собра податоци од приближно 40.000 луѓе. Според резултатите, 47,4 отсто од Американците на возраст од 18 до 29 години покажале знаци на анксиозност или на депресија, а само 19,8 отсто од возрасните постари од 70 години покажуваат такви знаци.
Резултатите исто така покажуваат директна корелација со пандемијата бидејќи на прашањето што се однесува на депресијата од една студија од 2014 година, позитивно одговориле речиси 50 отсто помалку возрасни Американци.
Луѓето со пониско образование и во возрасната група од 18-29 години, исто така, имале повисоки стапки на вознемиреност и депресија, се наведува во студијата. Според студијата, возрасните во хиспанската и црнечката заедница покажале повисоки стапки на депресија отколку оние од азиските или белите заедници кои биле анкетирани.
Црнечките заедници во САД, како што се заедниците во Чикаго, на пример, се статистички најтешко погодени од коронавирусот, тврдат здравствени експерти. Црните Американци претставуваат повеќе од 50 отсто од случаите на коронавирус во Чикаго и речиси 75 отсто од смртните случаи поврзани со Ковид-19 што градот ги пријавил на почетокот на април.
Студијата има за цел да собере податоци за да ги измери социјалните и економските ефекти на СКовид-19 врз американските домаќинства.
Истражувањето ќе помогне да се следат американското ментално здравје и да се усогласат националните здравствени цели, да се оценат здравствените политики и програми и да се следат промените во однесувањето и користењето на здравствената заштита, велат од Центарот за контрола и спречување на болести (ЦДЦ) и од Американското биро за попис.