По појавата на ново жариште на коронавирус што предизвика страв од нов бран, Јужна Кореја денеска повторно активира низа мерки во борба против ковид-19.
Во земјата денеска е регистриран пораст на бројот на новозаразени од коронавирус по речиси два месеци, со жариште во еден магацин на компанија за интернет продажба во близина на Сеул.
„Одлучивме на две недели да ги зајакнеме мерките на карантин во градската зона, почнувајќи од утре па до 14 јуни“ најави јужнокорејскиот министер за здравство, Парк Неуг-хо.
Тој истакна дека следните две недели се од суштинско значење за спречување на ширењето на заразата во градската зона.
„Ќе мораме да се вратиме на строгата социјална дистанца ако не успееме и ако во наредните седум дена по ред бидат регистрирани над 50 нови случаи на дневно ниво“ додаде министерот.
Јужна Кореја имаше многу ефикасен одговор на пандемијата, а од 6 мај ги ублажи воведените мерки.
Музеите, парковите и уметничките галерии наредните две недели повторно нема да работат, а компаниите се повикани повторно да воведат работа од дома, објасни јужнокорејскиот министер.
На граѓаните им е препорачано да избегнуваат собири и да не посетуваат кафулиња и ресторани.
Властите денеска соопштија дека се регистрирани нови 79 заболени, што е најголем број од 5 април, па вкупниот број на инфицирани достигна 11.344.
Според податоците на центарот за контрола и спречување на болести, 69 новозаболени оделе во магацинот на компанијата за продажба преку интернет, која се наоѓа во предградие на Сеул.