Жителите на Волково, Стопански Двор и Кисела Јабука добиваат нова канализациона мрежа и асфалтирани улици. Инвестираме преку 500 илјади евра во комуналната и 700 илјади евра во локалната патна инфраструктура во општината, со што го решаваме најголемиот проблем на локалното население“ изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната работна посета на општина Ѓорче Петров.
Сугарески, заедно со градоначалникот Александар Наумоски, извршија увид во втората фаза од изградбата на канализациониот систем во општина Ѓорче Петров.
Проектот е со вредност од околу 500 илјади евра и опфаќа изградба на дополнителни 7 километри канализација во Волково, Волково-Пржина, Кисела Јабука и Стопански Двор, а се очекува да биде завршен до крајот на месец јули.
„Последниве 3 години интензивно работиме со цел што повеќе да ја покриеме територијата на земјата со комунална мрежа и досега тоа успешно го реализираме. Само во моментов преку Министерство за транспорт и врски се работи на преку 20 проекти за изградба и реконструкција на водоводи и канализации во вредност од околу десетина милиони евра, меѓу кои и втората фаза од изградбата на канализација во повеќе населени места во општина Ѓорче Петров. Претходно, во првата фаза изградивме 20 километри канализација, а покрај тоа се асфалтираа 33 улици во Волково, Стопански Двор и Кисела Јабука, со што значително го подобруваме животот на жителите. Дополнително, преку Министерството за транспорт и врски обезбедивме околу 700 илјади евра со кои ќе асфалтираме уште 4 улици во овој дел од општината. Она што сакам да истакнам е дека реализацијата на капиталните инвестиции во секторот Транспорт е на високо ниво и ги правиме најголемите инвестиции во инфраструктурата досега, инвестирајќи преку 1 милијарда евра во капитални проекти од огромно значење за граѓаните, стопанството и економијата во целост. Исто така, работиме на многу нови проекти, особено во патната и комуналната инфраструктура, во текот на следниот месец ќе објавиме десетина нови тендери за реконструкција и изградба на нови патишта, континуирано подготвуваме проекти за изградба на канализации и водоводи, така да очекуваме економијата и градежништвото да бележат раст и полека да излегуваме од оваа криза која ги погоди речиси сите сектори во државата“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски истакна дека со проектот за изградба на канализација во руралните делови на општината септичките јами се ставаат надвор од употреба, со што се заштитуваат артериските бунари во сливот на реката Лепенец.
„Жално е што во 21 век мораме да зборуваме за изградба на фекална канализација, но уште потрагично е што 12 години претходно никој не ставил акцент на основните потреби на граѓанинот. За само 2 години општината заедно со државата изгради фекална канализација во должина од 26 километри во руралниот и урбаниот дел. За довршување на целосна покриеност со фекална канализација на село Волково во должина од 13 километри, општината веќе има изработено проектна документација и се надевам дека проектот ќе се реализира во текот на идната година со владина поддршка. Сакам да истакнам дека никогаш претходно во Ѓорче не се градело колку што се гради сега. Во моментов имаме 5 капитални проекти, меѓу кои градинка и спортска сала во Волково, базен во Ѓорче Петров, Корзото е веќе во завршна фаза, а речиси го финишираме и јавното осветлување, со кое можеме да се пофалиме дека е најмодерно и најефикасно осветлување во главниот град и пошироко“ – изјави градоначалникот Александар Наумоски.