На автопатот Кичево-Охрид се работи и дел од километрите наесен ќе бидат пуштени, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Општина Ѓорче Петров.
Сугарески информираше и дека изминатиот период се работело на подготвителни активности за обнова на делницата Ќафасан – Струга.
– Тоа е една од клучните делници и во наредните неколку месеци очекувам да биде рехабилитиран целосно, рече Сугарески.
Тој очекува капиталните инвестиции во ресорот транспорт годинава да ја надмине ланската реалзиација од 86 проценти.
– Апсолутно целата динамика во делот на реализација на капиталните инвестиции продолжува. Ресорот транспорт согласно она што го има како реализација од ден на ден се повеќе ги зголемува капиталните инвестиции и ако видиме дека ланската година имаше 86 проценти реализација, ресорното Министерство и Јавното претпрјатие за државни патишта, очекувам оваа година да биде над тоа. Сите проекти и покрај здравствената криза која се уште ја имаме одат целосно и ќе бидат реализирани. Очекувам проектите што во голем дел ги започнавме до крајот на годината да бидат реализирани, а исто така и оние проекти коишто очекуваме во наредниот период да почнат до крај на годината или во почетокот на наредната година да бидат завршени, рече Сугарески.