Министрите за надворешни работи на Србија и Северна Македонија, Ивица Дачиќ и Никола Дитров, денеска имале телефонски разговор за натамошното олеснување на рестриктивните мерки меѓу двете земји, како резултат на подобрената епидемиолошка состојба, соопштија од српското Министерство за надворешни работи.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, шефовите на дипломатиите на двете земји разменија искуства за мерките преземени во борбата против Ковид-19, информации за моменталната епидемиолошка состојба во Србија и Северна Македонија, како и планови за натамошното ублажување на рестриктивните мерки воведени во претходните месеци.
Меѓусебно било оценето дека епидемијата е под контрола и дека затоа е настапено постепено опуштање, односно укинување на голем број мерки кои се во сила од месец март.
-Министерот Дачиќ го известил својата колега дека веќе не е потребна посебна согласност за влез на странски државјани во Република Србија и оти преминувањето на српската граница е вратено во вообичаен режим, се наведува во соопштението.
Двајцата министри со задоволство констатирале дека билатералните односи се добри и дека со ставање под контрола на епидемијата, создадени се услови за продолжување на интензивната соработка и продлабочување на односите меѓу двете пријателски земји. Во таа смисла, министерот Дачиќ го поканил министерот Димитров да ја посети Србија во наредниот период, што тој со задоволство го прифати, соопштија од српското МНР.