Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека од Комисијата за заразни болести не било побарано да каже термин, туку протокол за одржување на изборите.
– Тоа што се бараше од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство во однос на изборите е протокол за одржување на избори, односно тој медицински-епидемиолошки дел. Во ниту еден момент не се бараше од нас, ниту пак може да се бара термин за одржување на избори, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата, додавајќи дека тие се надлежни да кажат во кој период на епидемиолошката крива сме, што се очекувањата и врз основа на што ги темелат, за да се одреди датумот на избори.
Тој вели дека новодијагностицираните се луѓе кои не ги почитувале мерките на превенција во момент кога имаше и полициски час.
Во моментов, додава Филипче, сосем е јасна епидемиолошката состојба и во однос на кластерите и во однос на начините на трансмисија.
– Тоа не значи дека нема да воведеме повторно некакви мерки, сега се размислува повеќе и за некои локализирани мерки и во насока на тоа ќе ги пратиме бројките и ќе ги правиме и анализите, рече Филипче