Самоизолација за сите граѓани од Штип кои се превезувале со автобусите од и до текстилната конфекција каде има заразени со корона

Сите граѓани од Штип кои се превезувале со автобусите од и до текстилната конфекција во која се детектирани поголем број лица заболени од короновирус, како и граѓаните кои користат ваков тип превоз, задолжително да останат во самоизолација и да се јават кај својот матичен лекар при појава на првите симптоми на болеста – кашлица, главоболка, покачена телесна температура, затнат нос, болка во грлото, треска, губење на чувството за вкус и мирис. Задолжението до граѓаните го донесе Центарот за јавно здравје-Штип по состанокот со епидемиолозите од Комисијата за заразни болести.

По извршена епидемиолошка анкета, тие ќе добијат упатства за тоа дали и кога ќе бидат тестирани за КОВИД-19. Доколку бидат тестирани, ќе бидат задолжени да продолжат со самоизолацијата до добивањето на резултати од земениот брис. Дополнително, од стручните лица ќе добиваат упатства за тоа како да постапуваат.

– Бидејќи ситуацијата од изминатите неколку дена остава впечаток дека почитувањето на мерките за заштита од овој вирус е на најниско ниво, уште еднаш ги задолжуваме  граѓаните истите да ги почитуваат! Задолжително е одржувањето на хигиената на превозните средства со кои се превезуваат работниците – задолжителна дезинфекција на истите, задолжително е одржувањето на социјална дистанца од 1,5 до два метра на лицата кои се превезуваат со овие средства од и до своето работно место! Задолжително е носењето заштитни маски, а по можност и ракавици, пишува во соопштение насловено како задолжение од страна на Центарот за јавно здравје-Штип.

Во него се вели дека просторијата во која работат поголем број лица задолжително да го има потребното растојание помеѓу нив, носење лична заштитна опрема и на работното место, често проветрување на просториите, често миење и дезинфекција на рацете, задолжителна дезинфекција на работните површини и предмети кои се користат при работа, да се избегне групирањето на повеќе лица и за време на паузите за одморДа се редуцира бројот на надворешни лица кои влегуваат во овие објекти.

Потенцираат дека олабавувањето на мерките не значи крај на пандемијата на КОВИД-19 и дека задолжителната примена на овие мерки е најбитен елемент во превенцијата на овој вирус.

Треба да знаете
Последни објави