Бројките на новоинфицирани случаи се аларм и апел да се почитуваат сите мерки и протоколи, но доколку продолжи оваа тенденција не се исклучува и повторно враќање на рестриктивни мерки, предупреди денеска премиерот Оливер Спасовски.
Како што вели, приоритет на сите мерки, протоколи и препораки од надлежните институции се зачувување на здравјето и животот на граѓаните и аргументите за вонредната состојба беа токму тие приоритети, како и справување со здравствената и економска криза, но државата постојано не може да остане во вонредна состојба.
Според него, граѓаните мора да сфатат дека животот и здравјето на семејствата и најблиските се во прашање. Укажа дека овие бројки доаѓаат од рестриктивниот период, но како што рече, денеска повторно ќе се разговара и ќе се проценува дали ќе биде продолжена повторно вонредната состојба во државата.
– Знаевме дека по укинувањето на рестрикциите ќе има одредени поместувања на бројките, но донесени се протоколи и за функционирање на угостителските објекти и за останати институции и останува на граѓаните истите да ги почитуваат. Сведоци сме дека вчера ниту угостителските објекти не почитуваа дел од протоколите, но и граѓаните. Бројките на новоинфицирани случаи се аларм и апел да се почитуваат сите мерки и протоколи, но доколку продолжи оваа тенденција не се исклучува и повторно враќање на рестриктивни мерки, рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање во однос на денешните високи бројки на новозаразени случаи со КОВИД – 19, при денешната посета на Крива Паланка.
Во однос на датумот за одржување на изборите кој го спомена вицепремиерот Бујар Османи, 5 јули, рече дека лицитацијата со датуми не му оди во прилог никому, бидејќи уште еднаш повтори врвен приоритет се здравјето и животот на граѓаните.