Зелената партија ДОМ смета дека поединци во институциите, преку несериозно постапување, дозволуваат да се јави недоверба кај граѓаните околу прашањето за раскинување на Договорот за концесија на рудникот Иловица. Ние се прашуваме, заедно со загрижените граѓански организации и движења, што навистина се случува низ институциите во врска со рудникот Иловица и дали повторното враќање на случајот во лавиринтите на одлучување може да го “воскресне” концесионерот?
ДОМ бара од надлежните органи да утврдат како и зошто Државното правобранителство дозволило судиите во Управниот суд за рочиштето да не добијат соодветни материјали за одлучување, вклучувајќи ја и одлуката за едностран раскин на концесијата за екплоатација. Бараме Државниот правобранител да ги преземе сите неопходни чекори за да може да се потврди Одлуката на Владата за едностран раскин на концесијата за експлоатација, за конечно да се затвори овој случај.
ДОМ направи анализа на случајот Иловица според достапната документација и воочи цела низа недоследности и правни и процедурални прекршувања во постапките поврзани со рудникот Иловица. Го повикуваме Јавното обвинителство да ги испита околностите и учесниците во доделувањето на концесијата за експлоатација и одобрувањето на Студијата за оцена на влијанијата врз животната средина за Иловица 6 во 2012 година. Неопходно е да се покренат овие истражни дејства за да се утврди како можело да се додели концесија за експлоатација Иловица 6 на која не е предвидено инсталирање на потребните инфраструктурни и помошни објекти, да се издаде Решение за одобрување на Студијата за оцена на влијание за Иловица 6 без истата да биде целосно објавена и без одржување на јавна расправа, да се води постапка за доделување на концесија за експлоатација Иловица 11 на која се планира изведба на хидројаловиште и висока брана лоцирана во близина на подрачје на кое ќе се врши минирање, како и многу други отворени прашања.