Кина ќе го нападне Тајван ако нема друг начин да се спречи неговата независност, предупреди еден од главните кинески генерали, што претставува вербална ескалација кон демократскиот остров кој Пекинг го смета за своја територија.
Зборувајќи во парламентот по повод 15-годишнината од законот за борба против отцепување, Ли Цуошенг, началник на здружениот штаб и член на централната воена комисија, ја остави вратата отворена за употреба на сила.
Тој закон од 2005 година е законска основа за воена акција против Тајван ако се отцепи или се обиде да го направи тоа.
Иако Кина никогаш не ја исклучила употребата на сила за да го врати Тајван под своја контрола, многу ретко некој висок и активен воен функционер вака отворено се заканил на некој јавен настан.