Насилство и немири избувнаа во париското предградие Монтињи-лес-Кормеј по смртта на 18-годишен мотоциклист за што беше обвинета полицијата, пренесува „Ле паризиен“.
Седум лица на возраст од 16 до 32 години беа уапсени на немирите во кои беа уништени седум камери за надзор и 12 контејнери, а беа лансирани и проектили кон Градското собрание и кон неколку полициски станици во областа.
Четириесет и пет полицајци беа распоредени за да го вратат редот, меѓу кои и полицајци од соседните општини.
Смртта на тинејџерот се случила на железничката пруга во средата попладнето. Тој бил удрен од воз додека се обидувал да премине на пешачки премин помеѓу Франконвил и Монтињи-лес-Кормеј со неговиот мини моторцикл.
Железничкиот сообраќај беше запрен по линијата до полноќ. Жителите кои ја слушнале несреќата првично мислеле дека возот се превртел.
„Кога ги видовме телефонот, чевлите и јакната, сфативме што се случило“, изјави еден жител за „Ле паризиен“.
Набргу по несреќата, локалните млади почнале да ја обвинуваат полицијата за смртта на тинејџерот, рече заменик-директорот на Одделот за јавна безбедност за Вал-Д’Оиз. На официјалниот профил на француската полиција на Твитер го негираа обвинувањето, обележувајќи ги наводите како лажни вести.
Локален жител негираше дека полицијата има некаква врска, велејќи: „Тие се убедени дека младиот човек го бркала полицијата, но не беше така. Ние бевме таму. Никој немаше “.
Случајот потсетува на уште еден инцидент пред еден месец во кој мотоциклист бил повреден во несреќата во која учествувала и полицијата во Вилнев-ла-Гарен.
За инцидентот беше обвинета полицијата, а во градовите низ Франција избувнаа немири и напади врз полицијата во разни области и покрај тоа што Франција беше во изолација заради коронавирусот. Автомобили и другите предмети биле запалени, а полицијата била нападната и со молотови коктели.