Околу стотина лица учествуваа денеска во масовна пресметка во северниот украински град Бровари, која најверојатно е поврзана со правата на автобуските компании за профитабилна автобуска линија, соопштија властите.
Вооружените лица, наводно ангажирани од транспортниот сектор, во Бровари пристигнале со автобуси од Винитсија и Киев, изјави министерот за внатрешни работи Арсен Аваков на средбата со претседателот Володимир Зеленски.
„Се верува дека пресметката е поврзана со коруптивни зделки на тендер за доделување на (автобуски) линии“, рекол Аваков, а пренесе канцеларијата на украинскиот претседател.
Зеленски рече дека судирот го потсетил на хаосот од 90-тите години по распадот на Советскиот Сојуз.
„Она што се случи не е улична борба. Тоа потсетува на 90-тите години“, рече тој.
Аваков кажа дека во уличната пресметка била користена ловна пушка, а три лица биле хоспитализирани.
Најмалку две лица се повредени од огнено оружје, објави во соопштение Министерството за внатрешни работи.
Во него се додава дека 21 лице се наоѓаат во притвор поради инцидентот.