„Денеска и на македонското небо можевме да видиме дека е точна тезата – Ние сме НАТО. Република Северна Македонија стана 30та членка на НАТО Алијансата после речиси триесетгодишни напори. За жал, немавме можност среде пандемијата на корона вирусот да го прославиме нашето членство, но денешниот настан, заедничката координирана акција на нашата Армија, заедно со НАТО командите, заедно со воздухопловните сили на САД, покажува дека интеграцијата не е само политичка туку е реална, воена и одбранбена”, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска по денешниот прелет на авионите на американските воздухопловни сили придружувани од грчката воена авијација.
Двата воени воздухоплови на САД придружувани од четири авиони на военото воздухопловство на Република Грција, денеска околу 11.35 часот извршија низок прелет над главниот град во чест на нашето членство во НАТО. Авионите дојдоа од правец на скопскиот аеродром и го надлетаа нашиот главен град долж реката Вардар. Љубителите на воената авијација можеа да уживаат во глетката, а нашите граѓаните можеа да го видат на дело нашето сојузништво со САД и нивното добредојде за нашата држава во НАТО.
Министерката Шекеринска се заблагодари на САД и на командата на НАТО за овој гест и рече дека членството во Алијансата е заслужено и е резултат на реформи и посветена работа на Армијата и на другите институции во државата. „Нашата инвестиција во реформи, во членство во НАТО се покажа на дело и за време на справување со пандемијата со коронавирусот. И денеска ќе повториме – како резултат на нашето членство во НАТО заедно сме посилни. Тезата ‘Ние сме НАТО’ веќе не е парола, туку навистина е реалност која што ја унапреди и стабилноста но и шансите на економски раст на нашата држава”, рече Шекеринска.
Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз во својата изјава рече дека денешниот прелет е израз на трајната поддршка на САД за Северна Македонија но и гест за добредојде како 30. членка на НАТО. „Иако нашата заедничка борба против коронавирусот во изминатиот период преовладува во медиумите, тоа не треба да спречи да го видиме историското достигнување на земјава – членството во НАТО и добивање на зелено светло за старт на пристапните разговори со ЕУ”, рече амбасадорката.
Полковникот Валентин Иваноски, раководител на сектор на Воен воздухопловен авторитет при Министерството за одбрана појасни дека денешниот прелет е сложена воздухопловна операција на воздухопловните сили на НАТО Алијансата со учество на два воздухоплови од САД и 4 авиони Ф16 од грчкото воено воздухопловство. „Летот е комплетно организиран од командата на силите за Европа и воден преку воздухопловните оперативни центри каде е вклучен и нашиот нов воздухопловен оперативен центар и каде што сите летови и координација се извршени преку системот за контрола на воздушниот систем. Воздухопловите полетаа од јужната кота, после долг лет влегоа на бугарската граница каде што беа пречекани од 4 воздухоплови од типот Ф-16 на грчкото воздухопловство и заедно во формација преку Штип, Велес, аеродромот Петровец прелетаа преку градот Скопје”, појасни Иваноски.