Во рамките на најголемата книжарница во Македонија – Literatura.mk Superstore, што беше отворена минатата недела во соработка со „Скопје сити мол“, денеска (29.05.2020) почнува со работа Cafe Literatura.
Согласно прописите за работа на локали од ваков вид во затворени трговски центри, во кафе-барот се запазени протоколите за дезинфекција и безбедна дистанца, а посетителите засега ќе можат да престојуваат само на терасата од локалот.
Кафулето е еден од најзначајните новитети на новата суперпродавница на „Литература.мк“, каде што ќе може да се испие добро кафе и да се прочита убава книга. Кафе-барот на „Литература.мк“, што опфаќа 60 m2 од внатрешноста на Literatura.mk Superstore, и 100 m2 на терасата, е архитектонски модерно дизајниран простор, осмислен за релаксација и споделување убави моменти, опкружен со пријатен амбиент и богат избор на книги и многу други уникатни производи.
Ова е првиот локал каде што ексклузивно е застапено едно од најдобрите кафиња „Кафе Италија“ (Café Italia). Во кафе-книжарницата, ќе има три типа на специјално кафе Бурундu, Бразил и Етиопија, брендирани како Café Literatura. Инаку, „Кафе Италија“ e компанија за печење кафе од Фијано, северно од Рим.
На менито се различни видови кафиња, по вкус и на најпребирливите консументи на кафето, како eспресата: Леонардо, Карусо, Микеланџело, Марко Поло, Бурундu, Бразил и Етиопија, макијато и капучино Марко Поло, капучино со бејлис, виенско капучино, ракијато, ајриш кафе, афогато карамел, еспресо портокал, aфогато бејлис и нескафе и коктели од кафе. Исто така, ќе може да се набави и пакување специјално Café Literatura и од Café Italia.
Гостите ќе можат да уживаат во различни видови коктели (Хемингвеј специјал, Москов мјул, Битвин д шитс и многу други) и смути (вери бери, пинат батер, чоко смути и супер фуд смути). Застапени се и топли напитоци, безалкохолни пијалаци, избрани брендови на алкохол и селекција на квалитетни вина.
По повод отворањето на Cafe Literatura, во периодот од втори до седми јуни, за секоја сметка, посетителите ќе имаат можност бесплатно да го дегустираат кафето понудено во менито.
Новоотворената книжарница Literatura.mk Superstore, која е со површина од 500 м², има богата понуда на книги за сите генерации на неколку јазици, програма за подароци, канцелариска и училишна опрема, играчки и друго. Суперпродавницата е сместена на вториот кат на „Скопје сити мол“, на местото на некогашната игротека, на неколку метри од досегашниот продажен простор на „Литература.мк“.
Ова е седма книжарница на „Литература.мк“, по веќе препознатливите продажни места на улицата „Македонија“, во ТЦ „Рамстор“, „Веро центар“, Градски трговски центар (ГТЦ) и ТЦ „Буњаковец“ во Скопје и на „Широк сокак“ во Битола.
Literatura.mk Superstore и Cafe Literatura работат согласно работното време на „Скопје сити мол“, од 10 до 18 часот (понеделник-сабота).