Заменичката на престедателот на Владата за економски прашања Мила Царовска, генералната директорка на АД МЕПСО Ева Шуклева и градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, реализираа работна посета на трансформаторската станица во Валандово, кадешто се во тек низа на завршни инвестициски активности за модернизација на преносната енергетска мрежа.
Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска посочи дека во изминатиот период Владата навистина покажа дека вложувањето во енергетскиот сектор се приоритетно прашање.
„Тоа го покажавме и со носење на Закон за енергетика, нов, европски и усогласен со сите директиви. Ја воведовме евтината тарифа за струја, а со тоа укажуваме дека ги намалуваме трошоците за секое семејство. Од друга страна покажавме дека инвестираме со капитални инвестиции, со вложувања во енергетскиот сектор и во стабилна достава на енергија во нашата држава“, нагласи Царовска.
Вицепремиерката додаде дека државните енергетски компании, како што е МЕПСО, вложија многу труд и посветеност во реализација на капитални инфраструктурни проекти за стабилноста на електро-енергетскиот систем, при што се спроведуваат низа на проекти за модернизација и дополнителна сигурност на системот, што ќе биде од бенефит за сите граѓани, но и компании кои функционираат во земјата.
„Не е сето тоа е само политичка волја, доколку немаме оперативци, како што е директорката на МЕПСО, коишто сите овие финансиски средства и вложувања ги операционализирааат и ги внесуваат во системот и обезбедуваат да тие станат реалност и да постигнеме една стабилна мрежа на достава на електрична енергија во нашата држава. Со ваков тип на вложувања, како што денеска ги гледаме во трафостаницата во Валандово, се намалуваат трошоците за одржување, добиваме поголема доверба на граѓаните и на реалниот сектор за оваа мрежа на достава, односно во енергетскиот систем на нашата држава, но се исто така поттик да други инвеститори дојдат и да можат да ги искористат потенцијалите на нашата држава“, додаде вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.
Генералната директорка на АД МЕПСО, Ева Шуклева посочи дека основна стратешка мисија на компанијата е да обезбеди доверба во преносниот систем, намалување на оперативните трошоци, сведување на минимум ризици, испади, дефекти, овозможување и искористување на потенцијал за развој на регионите во делот на обновливи извори на енергија и последно, но не и по значење поддршка на македонски компании кои би добиле знаења и искуства во дел на енергетиката и тоа знаење би останало во нашата држава.
„Во оваа стара трафостаница во Валандово, која долги години ни служеше доверливо, извршивме замена на стара опрема која беше во функција скоро 40 години, со нова високонапонска опрема. Заменети се старите со нови прекинувачи и разделувачи во целата постројка, освен во полето ВЕЦ Богданци кои се нови и во целост, во сите полиња заменети се потпорни изолатори и мерни трансформатори. Инвестицијата од 770 илјади евра во нова опрема за АД МЕПСО, ќе значи намалување на трошоци за одржување и дефекти, а за стопанството сведување на минимум на ризици од испади. Покрај новата опрема на долг рок ќе овозможи зголемена доверба во работата на трансформаторската станица. Истата ќе овозможи зголемена сигурност во напојувањето на потрошувачите приклучени на дистрибутивната мрежа и тоа во Валандово, Богданци и Гевгелија. Со реконструкција на трафостаницата обезбедуваме стабилност на две врски кои се од круцијално значење. Првата е снабдување со квалитетна електрична енергија на железница, инфраструктура на македонски железници, а втората е прием на електрична енергија од производителот на ветерните централи Богданци“, потенцираше Шуклева. Директорката Шуклева додаде дека АД МЕПСО со новата опрема е подготвен на овој енергетски јазол во иднина да приклучи и нови производители или потрошувачи на електрична енергија на преносната мрежа. Таа нагласи дека во транспаретна, јавна постапка на меѓународен тендер финансисран од Европската банка за обнова и развој, како изведувач на работите е за прв пат избрана домашна фирма Беннинг Псам ДОО.
„Со тоа освен што го поддржуваме македонското стопанство ние како општествено одговорна компанија инвестираме и во знаење на македонски компании и македонски стручни кадри. АД МЕПСО ја заврши модернизацијата на ТС Валандово во пократок рок од првично планираното“, заврши генералната директорка на АД Мепсо Ева Шуклева.
Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, од името на сите граѓани на општина Валандово, изрази благодарност за реализација на овој значаен проект за енергетската стабилност на Валандово, но и целиот Југоисточен регион. „Со реализација на овој проект, добиваме доверба и стабилност на електро-енергетскиот систем, при преносот и снабдувањето со електричната енергија. Оваа трафостаница која е изградена во 1973 година, сега е со нова опрема, комплетно реконструирана, и сите оние испади кои се случуваа на енергетскиот систем, со реализација на овој проект се веќе минато“, констатираше градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов.