Полицискиот час што беше воведен од 22 март, како резултат на пандемијата од КОВИД-19, сериозно влијаеше и на бројот на сообраќајни незгоди на патиштата во државата. Сообраќајната статистика покажува рекордно намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви во нив.
За времетраењето на ограничувањето на движењето на граѓаните генерално во текот на целиот период бројката на сообраќајни незгоди бележи сериозна надолна тенденција. Во просек бројот на сообраќајни незгоди во овој период во споредба со изминатите години е намален за повеќе од 30 проценти. Статистиката покажува дека најкритичните денови во овој период се петок и понеделник, кога сообраќајните незгоди најчесто се случувале.
Во првите четири месеци од оваа година на патиштата во Република Северна Македонија се случиле вкупно 2.157 сообраќајни незгоди, што претставува за 10 проценти намалување во споредба со 2019 година и за 15 проценти намалување во споредба со 2018 година.
Од почетокот на годинава се регистрирани и 24 сообраќајни незгоди со жртви, што е намалување за 20 отсто во споредба со 2019 и за 30 проценти во споредба со 2018 година. Сличен процент е регистиран и кај бројот на жртви во сообраќајни незгоди споредбено со изминатите три години.
Од почетокот на годинава се регистрирани и 24 сообраќајни незгоди со жртви, што е намалување за 20 отсто во споредба со 2019 и за 30 проценти во споредба со 2018 година. Сличен процент е регистиран и кај бројот на жртви во сообраќајни незгоди споредбено со изминатите три години.
За тоа кои се причините за ваквата тенденција во статистиката и како пандемијата од коронавирусот влијаеше на ова за МИА говорат Наќе Чулев, актуелен министер за внатрешни работи, Стојче Стаменковски, поранешен прв човек на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, и Зоран Јошевски, професор на Техничкиот факултет во Битола.
Министерот Чулев во изјава за МИА вели дека улогата на полицијата во контролата на мерките за ограничувањето на движењето на граѓаните била јасна, а тоа е да ги заштити здравјето и животот на граѓаните. Тој потврдува дека т.н. полицискиот час имал влијание и за време на неговото спроведување е забележан пад во статистиката во сите форми на криминалитет, но и во бројот на сообраќајни незгоди и жртви на патиштата.
Еден од аргументите во оваа насока, нагласува, е почестото присуство на униформираните полициски службеници на улиците низ државата, а вториот аргумент е забавувањето на животот, што секако влијае на оваа бројка.
Тој додава дека Министерството за внатрешни работи со ова покажало дека има капацитет да се справи и со најсложените проблеми и најкомплексните предизвици во општеството, а сообраќајот и прашањата поврзани со директното намалување на бројот на жртви во сообраќајни незгоди претставува една од клучните цели на кои Министерството за внатрешни работи во соработка со останатите институции работи во континутитет.
Со сличен став е и поранешниот претседател на Републичиот совет за безбедност на сообраќајот на патишата, Стојче Стаменковски.
– Гледајќи долгорочно, намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди и жртви во нив пред сè е резултат на континуираните и засилени превентивни активности, кои се реализираат во изминатите неколку години, а потоа и на зајакнување на казнувачката улога на Министерството за внатрешни работи, вели Стаменковски.
Меѓу другото, тој посочи дека полицискиот час сериозно удри на економијата, но тој, подвлече Стаменковски, ги забави транспортот и секојдневното живеење, а со тоа сериозно влијаеше и на намалување на бројот на сообраќајни незгоди, жртви и повредени. Фактот дека намалената употреба на автомобили имаше позитивно влијание на загадувањето, смета, можеби е добра основа во иднина да се размислува и за ваков тип модификации на транспортот, со кои ќе се реши долгогодишниот проблем со загадениот воздух, со кој сериозно се соочуваме.
– Позитивен момент е фактот дека коровирусот ја подигна довербата што граѓаните ја имаат во здравствените институции и полицијата, а тие се клучните институции во системот на брз одговор во случај на сообраќајна незгода. Дополнително, борбата со непознатиот пријател нè научи и на една важна лекција дека емпатијата и меѓусебната помош е клучна во вакви кризни времиња. Празните улици како резултат на пандемијата пратија една важна порака за сите нас, а тоа е дека треба да забавиме со темпото со кое го живееме животот, индиректно мислејќи и на брзината со која секојдневно учествуваме во сообраќајот, рече Стојче Стаменковски.
Професорот Зоран Јошевски од Техничкиот факултет во Битола вели дека сообраќајните незгоди се во тесна корелација со „изложеноста” на сообраќај на учесниците, односно со факторот возило – километар.
Факт е дека во изминатиот период овој фактор возило – километар, појаснува тој, е значително намален, а поради рестриктивните мерки во делот на слободно движење, ограничување на движењето на ранливите категории, ослободување од обврски еден родител во семејства каде што има мали деца, неработење на многу дејности, почнувајќи од ресторани, кафетерии, градинки и сл., што предизвика и значително помала потреба од патување, било да се работи како возачи на моторни возила, велосипедисти, пешаци, а тоа доведува до намалување на „изложеност на опасност” во сообраќајот.
– Од друга страна, беа воведени рестриктивни мерки за јавниот превоз (градски, меѓуградски), што доведе до „ослободување” на сообраќајниците и намалување на можноста од сообраќајни незгоди. Социо-економските фактори исто така имаат влијание на однесувањето на учесниците во сообраќајот, а со тоа и на безбедноста на патниот сообраќај, што треба да се разгледа од страна на експерти од оваа област. Многу лица поради физичката дистанца ги одложија своите вообичаени активности, а со тоа и потребата за патување, што доведува до помала изложеност на сообраќај и предизвиците што ги носи сообраќајот во делот на безбедноста, заклучува Јошевски.
Ваква слична тенденција е забележана и на патиштата во Европската Унија. Извештајот што го објави Европскиот совет за безбедност на сообраќајот вели дека фреквенцијата на патишатата во Европа бележи пад за 70 проценти за време на пикот од пандемијата.
Во извештајот се посочува дека во Холандија е регистиран пад за 50 проценти на бројот на сообраќајни незгоди. Во Италија, каде што мерките за ограничување на движењето беа најригирозни, е забележан пад од 70 отсто на бројот на сообраќајни незгоди. Велика Британија, пак, се соочува со друг проблем, во оваа земја како резултат на намалената фреквенција на возила по улиците е забележано зголемување за 15 проценти на брзината со која младите возачи учествуваат во сообраќајот.