Државниот правобранител на Минесота Кит Елисон денеска најави дека ќе го води случајот за смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина откако полициски службеник со нога го притисна на вратот за време на апсењето.
„Со голема сериозност ја прифаќам одговорноста на мојата канцеларија во овој критичен случај за смртта на Џорџ Флојд. Ќе ги вложиме сите ресурси за да стигнеме до правдата во овој случај”, напиша Елисон на Твитер.
Елисон ќе работи со адвокатот на округот Хенепин, Мајк Фримен, кој во петокот најави дека ќе поднесе обвиненија за убиство од трет степен и несовесно убиство од втор степен против отпуштениот полицаец Дерек Ковин, кој е прикажан на видео снимка како со нога му го пристиска вратот на Џорџ Флојд на улица во Минеаполис.
Тројца полицајци вклучени во инцидентот сè уште не се обвинети.
Семејството на Флојд претходно побарало од Елисон да го преземе случајот од Фримен, кој како окружен правобранител има тесна соработка со полицијата во Минеаполис.