Доколку се појави позитивен случај кај турист додека престојува на одмор во Грција, ќе биде сместен во хотел карантин, а трошокот ќе биде на товар на државата, соопшти портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Пецас рече дека во следниот период, како што ќе се приближуваме до 15 јуни односно датумот одреден за официјален почеток на туристичката сезона во Грција, ќе биде соопштен и оперативниот план, а повтори дека ќе постојат насочени тестирања по случаен избор за туристите.
– Случаите што ќе бидат позитивни, ќе бидат сместени во хотел, со трошок што ќе биде на товар на грчката држава. Ова го правевме во минатото и ќе продолжиме да го правиме. Се надеваме дека ќе има малку позитивни случаи или нема да има воопшто, објасни портпаролот на грчката Влада.
Тој истакна дека од 15 јуни, Грција, „доследно и методично, со правила и протоколи за безбедност и хигиена” ќе ги прими туристите.
– Се грижиме, ова лето, здравјето и безбедноста да бидат наш прв приоритет, додека заедно ќе ги делиме културата, историјата и убавините на нашата татковина. Грција ќе продолжи континуирано да ги оценува епидемиолошките податоци, во соработка со експерти и европски и меѓународни организации, истакна Пецас.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во четврток ќе учествува во презентирањето на програмата „Рестартирање на туризмот” (Restart Tourism), додека пак денеска имаше состанок со надлежните министри околу здравствено покривање на островите и здравствените протоколи за заштита на здравјето на локалното население, на туристичките работници, како и на туристите.