Кина денеска вети дека ќе им возврати на САД по најавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе го ограничи влезот на кинески државјани во САД и ќе воведе трговски санкции за Хонгконг.
– Сите зборови и активности кои се штетни за интересите на Кина ќе се соочат со силен контранапад, истакна на прес-конференција портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Џао Лиџијан.
Тој истакна дека Кина бара од САД веднаш да ги исправат грешките и да „се откажат од менталитет на Студена војна”.
Тоа е прва реакција на Пекинг откако Трамп ги објави мерките во петокот. Изјавата е дадена во момент кога постои тензија меѓу Кина и САД во врска со Ковид-19, ситуацијата со муслиманските Ујгури во северозападниот дел на Кина и билатералната трговија.
Трамп најави дека САД ќе го суспендираат влезот во земјата за кинески државјани, кои претставуваат потенцијална „опасност” за безбедноста на државата.
Тој, исто така, побара од својата администрација да ги укине трговските поволности одобрени за Хонгконг, како одговор на спорниот закон за национална безбедност кој го наметна Пекинг за својата автономна територија. Американскиот претседател побара од своите соработници да ги истражат кинеските компании кои котираат на берзите во САД.