Американските веледрогерии и трговци на мало затворија некои од своите продавници низ целата земја поради немирите предизивкани од протестите по смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд за време на минатонеделната брутална полициска интервенција.
Компаниите „Таргет”, „ЦВС”, „Епл” и „Валмарт” соопштија дека од безбедносни причини привремено ги затвориле своите продавници или го ограничиле работното време во нив, откако одредени нивни објекти во неколку града беа запалени, провалени и ограбени, кога протестите станаа насилни, јавија американските медиуми.
Компанијата „Амазон” соопшти дека ги прилагоди своите рути на движење и ги прекина испораките во некои градови, вклучувајќи ги Чикаго, Сиетл, Лос Анџелес и Минеаполис, пред се, заради безбедноста на своите возачи.
Малите продавници, исто така, претрпеа штета и сега се обидуваат да утврдат како да работат во тој хаос. Овие продавници се соочуваат со проблеми при испораката на стока, но има и работници кои не сакаат да доаѓаат на работа.