Крузерот „Коста Атлантика“, на кој е потврден коронавирусот кај повеќе од 100 лица, го напушти јапонското пристаниште Нагасаки и патува за Филипините, објавија локалните власти.
Италијанскиот брод го напушти пристаништето Нагасаки по еден месец карантин.
„Коста Атлантика“ е вториот брод на кој се потврдени случаи на коронавирус, и кој мораше да остане во Јапонија некое време.
Бродот тежок 86.000 тони се укотви на крајот на април поради одржување, без патници и со 623 членови на екипажот.
Повеќето беа сместени во карантин на бродот, откако беше потврден коронавирус кај 149 членови на екипажот.
Уште шест се хоспитализирани и нивната состојба не е опасна по живот, соопштија претставниците на префектурата Нагасаки.
Останатите се негативни на коронавирусот, а бродот го напушти Нагасаки со 126 членови на екипажот кои се упатија кон филипинската престолнина Манила, изјави за „Ројтерс“ претставникот на префектурата Нагасаки, Кенјо Ура.
Член на семејството на еден од морнарите рече дека карантинот завршил, но се очекуваат финансиски проблеми заради помал број на патувања, пренесе „Ројтерс“.
Росан Огајон, ќерка на капетанот на крузерот,рече дека нејзиниот татко може наскоро да се врати во родната Манила. Тој е излечен од коронавирусот, но не работи сè додека компанијата не започне да организира патувања.
„Поради пандемијата, татко ми, во меѓувреме, не може да работи, што значи дека тој не може да заработи пари за нас“, рече студентката Росан Огајон за „Ројтерс“.