На помалку од еден месец од завршувањето на карантинот, денеска во Грција започнува петтата фаза од ублажувањето на рестриктивните мерки и постепеното враќање во „новата нормалност”, но и овој пат, под посебни услови и правила, јави дописничката на МИА од Атина.
По средношколците, денеска во училишните клупи се враќаат и учениците од основните училишта, а се отвораат и градинките.
Паралелно Грција полека почнува да се подготвува за туристичката сезона, со отворање на хотелите што работат во текот на целата година, како и на камповите.
Грците од денеска ќе можат да уживаат во кината на отворено, но и да земат книги од библиотеките.
Се укинуваат и сите ограничувањата во однос на возраста за тренирање на спортистите на отворените спортски терени, од денеска е дозволена употреба и на соблекувалните, додека пак за викендот дозволен е почеток и на натпревари, но без присуство на публика.
Од денеска започнуваат со работа и кетеринг службите, студијата за тетовирање и дел од судовите.
Дополнително, во следните пет месеци, се намалува ДДВ-то на јавниот, автобускиот, бродскиот, авионскиот и железничкиот превоз, како и на кафињата и безалкохолните пијалаци и влезниците за кино.
Се отвораат основните училишта и градинките
Грчката Влада, минатата седмица, врз основа на едногласниот предлог на надлежната комисија на епидемиолози и поради позитивниот тек на постепеното укинување на мерките, но и за да се обезбеди враќање на учениците во нивната природна средина –училиштето, донесе одлука, денеска да продолжи наставата за основците.
Во изминатите денови, општинските служби интензивно работеа на дезинфекција и подготовка на основните училишта и градинките. Наставата ќе се одвива под посебни правила и услови, а истото ќе важи и за децата во градинките.
Антисептици во училниците, чистење два пати дневно, природно проветрување, по еден ученик во клупа на растојание од еден и пол метар, најмногу 15 ученици во секое одделение, наизменични одмори за да се избегнат гужви, се дел од правилата под кои ќе работат основните училишта.
Доколку во одделенијата има над 15 ученици, ќе бидат поделени во две групи. Едната група ќе следи настава понеделник, среда и петок, другата вторник и четврток, а ќе се менуваат на една седмица.
Носењето маска за учениците и професорите не е задолжително, туку е изборно.
Истите правила за основните училишта ќе важат и за градинките.
Учебната година наместо на 15, ќе заврши на 26 јуни 2020 година, а градинките ќе работат до 31 јули 2020 година.
Намалено ДДВ за автобускиот, железничкиот, авионскиот, бродскиот и јавниот превоз во Грција
За автобуски, железнички, авионски, бродски и јавен превоз во Грција, за кафето и сите безалкохолни пијалаци во кафулињата и угостителските објекти и за билетите за летните кина од денеска до 31 октомври 2020 година ДДВ-то од 24 отсто се намалува на 13 отсто, со што се очекува да донесе и пониски цени за конкретните производи и услуги.
Останува отворено прашањето дали и колку сопственици на кафулињата и останатите угостителски објекти, ќе решат намаленото ДДВ да го спроведат директно на цените.
Како што беше случај кога ДДВ-то се зголеми, а сопствениците решија разликата во цената да биде на нивни, а не на товар на клиентите, така и сега, не е исклучена можноста да се стори истото, па цените да бидат непроменети.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во неговата видео порака до граѓаните, пред десетина дена, најавувајќи го намалувањето на ДДВ-то за превозните средства, рече дека знае колку е важен поевтиниот превоз со автобус, со брод и со авион.
-И сакам, оние кои патуваат и одат на одмор, летово тоа да го сторат по најмала можна цена, рече тогаш Мицотакис.
Билетот за јавниот превоз во Атина, што досега беше 1.40 евро, се намалува 1.20 евро, а намалени цени најави и грчката железница.
Намалување на ДДВ-то за истиот период од пет месеци, предвидено е и за туристичките пакети. Од досегашниот сооднос 80/20, односно ДДВ од 13 отсто за 80 отсто од пакетот и 24 отсто за 20 проценти од пакетот, сега се намалува на 90/10 односно со 13 проценти ДДВ ќе има 90 отсто од пакетот, а останатата една десетина ќе биде со данок од 24 отсто.
Со отворањето на хотелите што работата во текот на целата година и на камповите, полека се отвора грчкиот туризам
Зелено светло за од денеска да ги отворат вратите за гостите, добија хотелите кои се отворени во текот на целата година, а истото важи и за камповите во Грција.
Ќе работата под посебни здравствени протоколи, што ќе важат и за сезонските туристички објекти кои ќе се отворат за две седмици, што ќе биде и официјалниот старт на туристичката сезона во Грција, со отворање на копнените граници и дозвола за патување за посетители од 29 земји.