Владата на Црна Гора ја отстрани Македонија од листата држави кои немаат потреба од државен карантин при влез на територијата на оваа земја. Одлуката се должи на зголемувањето на случаите на коронавирус во Македонија.
„Со епидемиолошка процена и анализа на заболувањето утврдено е дека стапката на активни случаи од 25 на 100.000 жители укажува на ниво на локална трансмисија што претставува прифатлив ризик за непречено движење и престој на граѓаните од тие држави во Црна Гора“, се наведува од Институтот за јавно здравство во Подгорица.
Медиумите во Подгорица пренесуваат дека Македонија не е повеќе на оваа листа, бидејќи споменатата стапка од 25 заболени на 100.000 жители е порасната, особено по бројот потврдени случаи во неделата.
Ова значи дека секој македонски државјанин кој ќе сака да влезе во Црна Гора, ќе оди во задолжителна 14-дневна изолација.
Претходно и Хрватска не дозволи влез за македонски државјани, а истото го најавуваат и некои други земји кои ќе прават „црни листи“ за странските државјани.