Со грант средства од 700.000 евра од Владата на Јужна Кореја ќе се поддржи градењето на капацитетите на македонската Царинска управа, особено во делот на брзите пратки, откривањето на нелегалните финансиски текови, како и анализа на ризик во е-трговија. Денеска беше организиран состанок за отпочнување на проектот на кој присуствуваа министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски и делегација од Царинската управа на Јужна Кореја.
На средбата беше истакнато дека од особено значење е поддршката во доменот на е-трговијата, која во светски рамки бележи постојан раст и развој, особено сега во новите услови креирани од коронакризата. Таквиот пристап директно влијае на растот на микро, малите и средни претпријатија, во однос на поширок пристап до странските пазари со намалување на влезните бариери и намалување на оперативните трошоци. Со размена на искуството на Царинската управа на Јужна Кореја во овој домен ќе придонесе за воспоставување на баланс помеѓу олеснета и забрзана испорака на пратките, но во исто време и зголемена наплата на буџетските приходи од овој вид на трговија.
Од македонската делегација беше посочено дека воспоставувањето на дигитална царина е еден од стратешките приоритети на Царинската управа. Пред една година е пуштен во употреба новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи, кој го замени стариот систем – АСИКУДА, со кој радикално се измени начинот на царинско работење. Овој софтвер е клучна алатка за развој на дигиталната царина и на безхартиената околина и овозможи значително подобрување во давањето на услугите на учесниците во царинските постапки.
Царината на Кореја е широко позната по својот технолошки напредок и бројните награди на полето на електронските достигнувања.