Јанева: Ова голо обвинение го распарталивме како баница, жал ми е што Русковска не е тука да се црвени

Сметам дека сум невина и не сум го сторила делото и се срамам што сум дел од обвинение за кое се покажа дека е клевета, затоа што не постојат никакви докази за делото за кое се товарам, изјави Катица Јанева, во завршен збор за случајот „Рекет”.

Таа рече дека нема ни „О″ од обвинение против неа, нема ниту еден доказ и го нема и Специјалното јавно обвинителство.

– Мене не ми требаат црвени телефони. Мене ми е чист образот. Некој да сакаше да го урне СЈО јас не му требав. Јас сум во притвор за пари што не се докажаа за Камчев да се спаси, рече Јанева.

Таа нагласи дека е само грубо изманипулирана од една личност.

-Доколку ги знаете сопружниците Камчеви нема никогаш да дозволите да ви се доближат ниту до судската зграда. Орце Камчев се покажа дека е „валкан” играч и дека мисли дека може се да купи со пари, се излажа. Мене не можеше да ме купи. Искористи едно искрено пријателство со Бојан за да ме стави на столб на срамот. изјави Јанева.

Во овие четири години покажав како еден обвинител да биде одважен и сигурен во себе. Кога станав шеф на СЈО, многу обвинители сакаа да дојдат. Ама јас реков дека за борба против криминалот ни требаат чесни луѓе. Затоа ги исфрлив некои и останувам на тој став, рече Јанева.

Многумина ја молеле да дојдат и да работат во СЈО, а ја молеле и некои „други личност“ да вработува луѓе во обвинителството кое го водеше.

-Обвинителството треба да се води. Не се работи до 4 саатот, па после да брзаш да се напиеш по една ракиичка, салатичка и во кафана. Тие не ги одбрав, не ги одбрав тие што кризираат ако не се напијат по една до 4 попладне. Пијаници, нереализирани луѓе кои остареле а не постигнале ништо во животот не ми требаат, објасни Катица, алудирајќи на обвинителката во нејзиниот случај, додека објаснуваше за луѓе кои ја молеле за работно место во СЈО.

Таа рече дека и е срам што е дел од ова судење поради неспособноста и немањето докази.

– Да подигнеш обвинение без извршени вештачења и да биде прифатено од тројца судии. Секоја чест. Јас се срамам што сум дел од ова. А каде се парите. Ова голо обвинение без докази ми е жал што овие два дена го распарталивме како баница, јавната обвинителка Вилма Русковска не е тука да го чуе и да се црвени. Не само што јавната обвинителка не докажа ништо во овој предмет, туку напротов само произлезе дека била свесна уште од старт дека води предмет за кој нема докази. Се покажа дека наместо да биде објективен критичар всушност дава едно малициозно критизерство не само кон мене, туку и кон целото СЈО, рече Јанева.

Да работеше јавната обвинителка, рече таа, како што треба ќе утврдеше дека нема докази за ова дело и неможе да покрене обвинение.

-Јас да лежам во притвор, за Орце Камчев. За Орце Камчев јас девет месеци лежам во притвор, за недокажани пари кои наводно ги дал некаде. Каде ги дал? Што ќе беше ако не беа пари, ако беше шеќер. Што ќе шмркаше кокаин? Но, брзаше да покрене обвинение за три месеци, водена по тоа јас да не излезам од притвор. Тоа беше осуетено, па дури и се закануваше на судии со „тресење од гаќи, изјави Јанева.

Јанева објасни дека доаѓала од судско семејство и дека имала пари, и други не и требале за да се издржува. Таа сама се издржувала.

-Заслужувам пофалба и од обвинителската и од судската фела дека за 35% ви е покачена платата, заради мене, рече Јанева.

Таа додаде дека се срами од судијата во процесот Васка Масевска, бидејќи тројца судии од судечкиот совет во „Рекет“ прифатиле обвинение без да бидат доставени половина од доказите.

-Изеде ме туџа срамота што би рекле Србите. Јас се срамам што сум била дел од ова, од овој систем. Секоја чест судијке“, рече Јанева.

Пресудата за „Рекет” е закажана за 18 јуни 2020 година во 10 часот.
Треба да знаете
Последни објави