Критичарите на њујоршкиот градоначалник Бил де Бласио реактивираа една стара петиција во која се бара негово отповикување во услови на гнев среде немирите и грабежите во градот, за време на протестите поради смртта на Џорџ Флојд, пренесува „Њујорк пост“.
Петицијата на интернет-страницата Change.org – „Отповикајте го Де Бласио“ – собра повеќе од 60.000 потписи и нивниот број расте. Организаторите бараат 75.000 поддржувачи.
Петицијата беше иницирана лани, но илјадници луѓе ја потпишаа истата во вторникот, среде контроверзите околу жестоките протести што го зафатија градот и предизвикаа судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Сепак, критичарите само се ослободуваат од својата фрустрација. Де Бласио нема да биде отповикан. Тој е со ограничен мандат кој му завршува на крајот на 2021 година, пренесуваат дел од американските медиуми.
„Градоначалникот Бил де Бласио го уништува Њујорк. Не можеме да му дозволиме да продолжи како градоначалник наредните две години. Граѓаните на Њујорк сакаат промена и сега е време да се дејствува пред да се влоши состојбата. Ова не е прашање на зазаемање партиска страна, туку поради радикалната политика која му штети на градот и ги запоставува њујорчаните“, се вели во петицијата.
„Стапката на криминал е ниска? ХА! Можеби се чини така затоа што полицијата не може да си ја заврши работата. Тој ѝ стави крај на практиката ‘запри и претреси’ “, се вели понатаму во петицијата.
Портпаролот на Де Бласио, Фреди Голдстајн, ги коментираше овие случувања:
„Градоначалникот е фокусиран на тоа да ги зачува њујорчаните безбедни и на повторно отворање на градот, не на оваа глупост што не ги претставува вредностите на овој град“.
https://twitter.com/RaheemKassam/status/1267998486353645569
Но се чини дека чувствата од петицијата се пресликани и на улиците. Стотици демонстранти се најдоа заглавени на мостот во Менхетен откако полицијата одби да им дозволи да заминат од која било страна, поради што побараа итна оставка од градоначалникот.
Толпа луѓе го исполнија мостот што го поврзува Бруклин со Менхетен во вторникот вечерта, многу подоцна откако стапи на сила полицискиот час наметнат од Де Бласио. Мирните протести против полициската бруталност во градот се засенети од масовните грабежи и непослушните демонстранти кои предизвикаа масовно полициско присуство.
Додека блокадата на мостот траеше повеќе од еден час, Де Бласио додаде масло на огнот со тоа што се јави на Твитер за да ја пофали својата одлука за воведување на полицискиот час, навидум несвесен за напнатата ситуација на мостот.
„Сега сум во центарот Баркли. Многу мирна ситуација. Досега полицискиот час секако помага, врз основа на сè што видов во Бруклин и Менхетен во последните три часа “, рече тој во твитот, разбеснувајќи ги демонстрантите.