Иранскиот духовен лидер Али Хамнеи ја спореди смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд со однесувањето на САД кон другите држави.
– Тоа што полицаецот сосема рамнодушно со колено го притиска црномурестиот за тој да почине, без разлика на молбите, додека останатите полицајци гледаат и не преземаат ништо, не е ништо ново, туку тоа е суштината на Америка. Всушност САД така се однесуваат кон целиот свет – Авганистан, Ирак, Сирија, кон многу други земји, истакна Хамнеи.
Во своето обраќање по повод годишнината од смртта на лидерот на иранската револуција, ајатолахот Хомеини, тој оцени дека сегашните случувања во различни американски градови и држави претставуваат манифестација на реалноста која се крие во Америка.
– Нема ништо ново во тоа, нагласи Хамнеи.
Веќе една недела во САД се одржуваат протести по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд. Во најмалку 40 градови е воведен полициски час, но и покрај тоа демонстрантите излегуваат на улиците. Во 23 држави се ангажирани припадниците на Националната гарда. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно објави мобилизација на војската со цел да се спречи насилството.