– Собранието на Косово денеска ќе одржи вонредна седница, на која треба да се гласа за предлогот на кандидатот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти, за составот на новата Влада на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Претседателството на Собранието одлучи да ја свика седницата за денеска во 11 часот, откако претходно, во понеделникот, Уставниот суд на Косово ја објави одлуката, со која се оцени како уставно доделувањето на мандатот на кандидатот за премиер од редовите на второрангираната партија од последните избори, ЛДК, од страна на претседателот на државата, Хашим Тачи.
ЛДК и Хоти објавија дека го обезбедиле потребното мнозинство од 61 глас во Собранието, откако, по изгласувањето на 25 март недоверба на досегашната Влада, предводена од лидерот на Движењето самоопределување (ВВ) Албин Курти, постигнаа договор за коалиција со досега опозициските Алијанса за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај и Социјалдемократска иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај, како и со партиите на српската и на другите немнозиснки етнички заедници.
Иако не одговори на неколкуте повици на Тачи да именува кандидат за формирање нова влада, ВВ го оспори пред Уставен неговото право да го додели мандатот на друга, освен на партијата победничка на изборите и тврдеше дека нова влада може да се формира единствено по нови избори, кои би се одржале откако ќе помине пандемијата на Ковид-19.
Минатиот четврток, на 28 мај, Уставниот суд го отфрли барањето на ВВ, а завчера ја објави и целосната пресуда, со што му се овозможи на Хоти да ја формира новата влада.
Од досега владејачката ВВ најавија дека на денешната собраниска седница ќе реагираат „согласно мандатот добиен од граѓаните”, но одбија да одговорат на новинарските прашања за тоа какви дејствија ќе преземат и дали ќе ги повторат акциите со фрлање солзавец во собраниската сала, како што тоа го правеа како опозиција во 2015 година, кога се одлучуваше за демаркацијата со Црна Гора.