Министерството за труд и социјална политика во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ обезбеди 500 пакети со дидактички материјали за децата со попреченост кои посетуваат Дневни центри во 30 општини во државата и за децата со попреченост кои беа опфатени со процесот на деинституционализација и кои продолжија да живеат во мали групни домови во Демир Капија, Неготино, Битола и Скопје.
Со спроведувањето на мерките за заштита од пандемијата и привременото затворање на училиштата, градинките и дневните центри, многу родители на деца со попреченост ја изгубија секојдневната поддршка. За да продолжи поддршката на оддалеченост, специјалните едукатори, психолозите и социјалните работници вработени во Дневните центри обезбедуваат онлајн или телефонски совети за користење на дидактичките материјали, психо-социјална поддршка и изработка на прилагодени индивидуални едукативни програми со корисниците на дневните центри и нивните семејства за полесно спроведување на активностите во домашни услови.
Создавањето можности за учење и игра во домашни услови е особено важно за ранливите семејства кои се грижат за деца со попреченост поради нивниот недостиг на средства и пристап до други мрежи за поддршка. Обезбедувањето дидактички материјали исто така ќе помогне во остварување на активностите кои ги спроведуваат тимовите составени од психолози и специјални едукатори кои работат со децата без родителска грижа во малите групни домови.
Како дел од пошироката соработка на УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика, во партнерство со “Отворете ги прозорците“, а со финансиска поддршка од Амбасадата на Велика Британија, се одржуваат работилници за обука на вработените во дневните центри за да продолжат со трасирање на процесот на транзиција на дневните центри во центри на ниво на заедницата за поддршка на децата со попреченост и нивните семејства и старателите. Центрите за поддршка ќе обезбедуваат разновидни услуги прилагодени кон потребите на семејствата, ќе поттикнуваат поголема вклученост на заедниците и ќе работат на рана интервенција за да се олесни инклузијата на децата со попреченост во образованието и во општеството.