Банката на Англија ги повика британските кредитори да се подготват за евентуален неуспех на трговскиот договор меѓу ЕУ и Обединетото кралство по Брегзит.
– Можноста преговорите меѓу Велика Британија и ЕУ за идните трговски односи да заврши без договор е еден од бројните резултати, за кои британските банки треба да се подготват во наредните месеци, се наведува во соопштението на централната банка.
„Скај Њуз” претходно објави дека гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли побарал од неколку директори на банки да ги забрзаат своите подготовки за завршување на процесот без договор.
– Од суштинско значење за надлежностите на БА е што таа го подготвува финансискиот систем на Велика Британија за сите ризици со кои може да се соочи. Поради тоа, гувернерот редовно се сретнува со раководствата на банките во земјата, се додава во денешното соопштение.
Трговските преговарачи од Велика Британија и ЕУ вчера започнаа четврта рунда преговори, но никој во Лондон или Брисел не очекува напредок оваа недела. Овој круг на разговори, кој се одржува преку видео конференциска врска, ќе заврши в петок.