Католичкиот архиепископ на Вашингтон остро ја критикуваше посетата на претседателот Доналд Трамп на центарот посветен на папата Јован Павле Втори во време на масовни протести во САД, нарекувајќи ја посетата манипулација, пишува Би-би-си.
Трамп победи на изборите во 2016 година со силна поддршка од бели католици и евангелски христијани.
Само неколку месеци пред следните претседателски избори, во кои се надева дека ќе освои втор мандат, Трамп се обидува даги придобие тие гласачи, па се сликаше со Библијата пред Епископалната црква, а следниот ден го посети центарот посветен на Јован Павле Втори.
Пред заминувањето на Трамп во националното светилиште на Јован Павле Втори, архиепископот Вилтон Д. Грегори изјави дека посетата ги крши религиозните принципи на црквата, додавајќи дека католиците треба да ги бранат правата на сите луѓе.
„Сметам дека е збунувачки и понижувачки што секој католички верски објект дозволува да биде толку ужасно злоупотребуван и изманипулиран на начин што ги крши нашите верски принципи, а кои нè повикуваат да ги браниме правата на сите луѓе, дури и на оние со кои не се согласуваме“, рече архиепископот во соопштението.
Грегори, исто така, го осуди растерувањето на демонстрантите во близина на Белата куќа, за да може Трамп да ја посети епископалната црква оштетена во протестите и да се слика со Библијата во рака пред претставниците на медиумите.
Грегори е првиот Афроамериканец што ја предводи Вашингтонската архиепископија.