Новата книга „Најстари приказни: Митови од мугрите на западната цивилизација” од Томислав Османли, што е во издание на „Либи”, дел од „Арс Ламина ‒ публикации”, беше промовирана вчеравечер (2 јуни), онлајн, преку платформата „Зум” (Zoom).
Книгата, која е веќе достапна во книжарниците „Литература.мк” и онлајн на www.literatura.mk, содржи митови од архајскиот период на медитеранските култури, наративи дојдени до нас преку грчката култура и писменост или создадени во неа.
Во оваа мала книга писателот Томислав Османли преку своето вешто и искусно перо ни раскажува неколку од „најстарите приказни” − приказни што оставиле и што сè уште оставаат печат врз културата и историјата. Раскажувањето почнува со падот на древниот континент Атлантида и војната помеѓу титаните и боговите, што, пак, директно води кон даровите на Прометеј и отворањето на Пандорината кутија. Следуваат две големи авантури и патешествија: задачите на силниот Херкул и пловидбата на храбрите аргонаути – две приказни богати со претстави на борби, чудовишта, магија и љубов. Тројанската војна и враќањето на Одисеј, заедно со подвизите на Персеј, се приказните со кои Османли го затвора циклусот со избраните најстари повести, а на крајот, во јасен поговор, да ги објасни митовите и да го разјасни контекстот од кој потекнуваат.
На промоцијата, која можеше да се проследи на профилот на „Фејсбук” на „Литература.мк”, авторот Томислав Османли истакна:
– Идејата да напишам книга со прераскажани митови е стара неколку години. Сакав да создадам еден вид потсетник за сложените текови на митолошките приказни наменети за моите внуци, на којшто и јас самиот, евентуално и нивните родители би се потпирале при раскажувањето на тој вид сказни. За мене беше важно во нивното базично образование, покрај другите приказни, видно место да заземат овие наративи, зашто се културни темелници не само на западниот туку и цивилизациски духовни споменици на сиот свет. Одамна имав забележано дека многубројни комерцијализирани и неавтентични варијанти на митовите се шират низ масовните медиуми. Едноставно, децата и младите луѓе непрекинато добиваат искривени приказни што едвај и да имаат врска со нивните митолошки поводи на кои се повикуваат. Тогаш си помислив дека е добро да направам книга во која ќе се обидам, колку што е можно подоследно, да ги претставам автентичните наративи, точно да ги предочам нивните протагонисти и ликови, да ги споменам нивните автентични именувања, да ги дадам мотивските врски помеѓу настаните и точно да ги предочам перипетиите, а притоа тој авторски зафат да биде едноставен и разбирлив. Се обидов на својот избор од седум меѓу многубројните, сложени и меѓусебно тесно поврзаните митски наративи, токму на тој начин да им пристапам ‒ изјави авторот.
При создавањето на ова дело, што траело неколку години, црпел информации од повеќе извори: античките дела, епски, драмски и митолошки, но главна потпорка има во книгите на научните истражувачи кои митовите и нивните верзии онаму каде што такви постојат, точно ги систематизирале и ги претставиле, од Платон, преку Хомер и неговите „Илијада” и „Одисеја”, и другите антички творци на епови, Хесиод и неговата „Теогонија”, класичните трагичари, сѐ до Роберт Грејвс и други автори.
Целта на оваа книга е на јасен и автентичен начин на младата читателска публика да ѝ се доближат најстарите приказни што се појавиле во мугрите на западната цивилизација. Затоа што, „митовите се живите мечти дојдени од медитеранскиот дел на древниот свет во големиот современ свет – запечатени во културата и во колективното несвесно”. Со други зборови, колку и да се стари, овие приказни секогаш ќе останат „современи” поради возбудливите настани и силните етички пораки во нив.
– Главната цел на книгата е да се знае дека светот е еден и дека културите, носени од струите на човечките љубопитства, потреби, контакти и заедно со тоа на разнородни, материјални и духовни размени, се прелеваат едни во другите – слично на водите од, само географски определените, локални мориња на топлиот, духовно пребогат, бајковит Медитеран. Пред сѐ, книгата е наменета за деца на претшколска возраст, но и за млади читатели кои, се надевам, сосем лесно ќе ја совладаат. Исто така, верувам дека ова може да биде четиво и на возрасните читатели кои се вљубеници во фантастичните наративи, особено на античката митологија и на сказните од класичната епика – рече Османли.
Книгата ја носи ознаката „Лесно читливо!”, што е препорака на Здружението за дислексија „Ајнштајн” и на Филозофскиот факултет од Скопје.
Томислав Османли (1956) е автор на 26 книги романи, раскази, теорија, есеи, драмски текстови и сценарија. Дипломирал право, а целиот живот се занимавал со уметничко творештво и со новинарство во културата. И денес смета дека културата и уметноста се највисоката реализација на идеалите на правото и на етиката. Античките митови ги слушал како дете, им ги раскажувал на своите деца и сега ги прераскажува за следната генерација млади читатели. Ова е негова втора книга за деца, по „Новиот цар”, објавена во 2017 година, исто така во издание на „Арс Ламина”.
„Најстари приказни” е достапна во книжарниците „Литература.мк” и онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14128