Вечерва во Скопје почна четиридневниот полициски час, кој поради верскиот празник Задушница и продолжениот викенд ќе заврши во понеделник наутро. По подолго време скопјани се во целосен карантин што се должи на зголемениот број заразени од Ковид 19.
Сепак, сликата во градот не е иста како за велигденскиот карантин. Градот тогаш беше празен, возилата беа во многу помал број. Но, иако денеска, според официјалните податоци, до 19 часот близу 20.000 возила излегле од Скопје, вечерва низ градот има далеку поголем сообраќај отколку во претходните викенд карантини.
Тоа се должи на зголемениот број на издадени дозволи за движење, па се чини дека во градот останале смо тие што имаат работни обврски. Низ Центар има по некоја отворена сендвичарница, а во Чаир работат бурекџилници и чајџилници, најверојатно кои вршат достава на своите производи. Иако не во голем број, по булеварот Цветан Димов има луѓе кои се движеа пеш.
Работа имаа и чуварите на редот, па така две возила на Интервентната полиција донесоа приведени лица во Полициската станица Центар. Иако од наша песпектива има зголемен сообраќај, за ежот што го фати камерата на 24 Инфо улиците се доволно празни да може на раат да ги помине.
Фото: Слободан Ѓуриќ