Српскиот претседател, Александар Вучиќ, повтори денеска дека Србија е отворена за разговори со Приштина, но мора да се укинат бариерите за слободното движење на услуги, стоки и луѓето.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ во Лозница одговорајќи на прашањето за новата косовска Влада кажа дека не сака да се занимава со внатрешните конфликти во албанската политичка заедница, додавајќи „нека прават што сакаат”.
За нас е важно Србите од Косово и Метохија да добијат одредени гаранции, кои се надеваат и веруваат дека ќе имаат нешто повеќе отколку од владата на Курти, кажа Вучиќ.
Ние сме отворени за разговори, ова е приказна за (Хашим) Тачи, тој сето ова го стори на внатрешен план, со поддршка на САД, дека ќе присуствува на разговорите каде што се Американците, истакна Вучиќ, додавајќи дека Србија секогаш е за разговори.
– Немаме никакви забелешки за разговорите под покровителство на ЕУ, ниту во форматот со Ричард Гренел, но секогаш ќе има политички желби и притисоци, оцени Вучиќ.
Тој потсети дека Приштина побарала од Србија да престане со кампањата за повлекување на признавањето на независноста на Косово и дека тој предложил тие да се откажат од кампањата на барањата за влез во меѓународните организации.
– Сите имаат свои решенија, а нас никој не нè праша, како да не станува збор за нашата земја, сите имаат решенија без никој да ги праша ниту Србите, ниту Албанците. Ќе мора да не прашате и нас кои живееме овде и на кои тоа се однесува, и едните и другите, наведе Вучиќ.
Сакам мир и стабилност и да ги заштитам нашите национални интереси на Косово порача Вучиќ и додаде дека најголема поддршка доаѓа од таму.
Српскиот претседател изјави и дека Русија е пријателска земја за Србија и дека назначувањето на Евгениј Примаков на позицијата директор на Агенцијата „Руска соработка” нема да влијае на таа соработка.
Медиумите во Србија објавија дека во март минатата година, наспроти антивладините демонстрации во Белград, Примаков му понудил на Вучиќ да формира техничка влада со лидерите на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС).