Интегрален текст од прес конференција на Стефан Андоновски
„Рекет демократијата на Зоран Заев достигна меѓународно реноме. СДСМ дваесеткратно ја зголеми стапката на финансиски криминал во Македонија. Според јавно објавените податоци на Управата за финансиска полиција, Коалицијата „Сите за правично судење“ објави графици кои укажуваат на тоа дека материјалната штета врз буџетот на Република Македонија поврзана со финансискиот криминал е највисока во 2019 година.
Стапката на финансиски криминал минатата година била 18 пати повисока отколку пред четири години. Од графиконите јасно се гледа дека во 2016 година е регистрирана најниска стапка на финансиски криминал, а веќе следната година штетата на буџетот драстично се зголемува повеќе од двојно и нагорниот тренд се одржува и во сите овие години од владеењето на СДСМ.
Корумпираната власт на СДСМ, според јавно објавените податоци, е причина за над 9 милијарди и 300 милиони денари, кои на годишно ниво се излеваат од државната каса. За овој криминал, македонските граѓани плаќаат од сопствените џебови.
Се работи за над 150 милиони евра годишно, или од 2017 до 2019 година за над 300 милиони евра оштетувања на буџетот. Тоа е вредност од два автопати од Скопје до Штип, 300 градинки или 60 основни или средни училишта. Наместо во инвестиции, овие пари отишле во нечии приватни сметки.
Од анализираните податоци, најмногу се работи за кривичното дело „Затајување данок“, за кое е запретена казна затвор од пет години. Отворено прашуваме, дали и колку лица се казнети за даночно затајување во 2019 година? Прашуваме и дали затаените и украдени средства се вратени во буџетот на Република Македонија?
Во текот на владеењето на СДСМ, Македонија руши рекорди во најлошите ранг-листи во светот. Неодамна бевме прогласени за хибриден режим од страна на светски угледното списание Економист. Транспаренси Интернешнал ја класифицираше Македонија на 106 место по корупција, а подобри од нас се Босна и Херцеговина и Косово. Убедливо сме една од најкорумпираните држави на Балканот. Скоро, Стејт департментот ни забележа за висока корупција и ограничената независност на судството.
И наместо правда и мир, добивме илјадници евра кои недостасуваат од благајните на државните институции, проневерени средства од директори блиски на Зоран Заев, и рекет од страна на оние кои треба да ја штитат законитоста. Сето тоа под палка на корумпираната власт на СДСМ.
Но, доста е! Македонскиот народ не заборава, и казната ќе дојде до сите оние кои краделе од џебот на македонските граѓани.