Претседателот на САД, Доналд Трамп е единствениот кој има право да се повика на Законот за бунт и доколку е потребно, ќе го искористи, изјави портпаролката на Белата куќа Кејли Мекенени, пренесува „Гласот на Америка”.
Претходно, американскиот министер за одбрана Марк Еспер изјави дека опцијата за користење активни сили за спроведување на законот треба да се користи само како последно средство и само во најитни и најтешки ситуации.
– Сега не сме во ниту една од тие ситуации, рече вчера Еспер.
Законот од 1807 година му овозможува на Претседателот на САД да одобри распоредувањето на воени и федерални трупи на Националната гарда во земјата при тешки околности, со цел да се задушат немирите или бунт.
Во последниве денови, Трамп жестоко се залагаше за употреба на силите на Националната гарда, кои се главно под управа на државата, а не сојузни, освен во округот Колумбија, во обид да ги запре немирите што се раширија низ САД по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд.