Доколку Пекинг го наметне Законот за националната безбедност врз Хонг Конг, со што би се ставил крај на уникатната слобода на полуавтономната територија, што остатокот од Кина ја нема, Велика Британија има намера да обезбеди засолништа и „пат до државјанство” за милиони граѓани од оваа поранешна британска колонија, што на Кина и беше предадена во владение пред повеќе од 20 години.
Британскиот премиер Борис Џонсон, истакна дека Велика Британија е подготвена да ги отвори вратите за околу три милиони граѓани на Хонг Конг доколку Кина донесе закон за безбедност, што може да влијае на слободата на локалното население.
Џонсон истакна дека Законот за безбедност е спротивен на договорот постигнат меѓу Кина и Велика Британија пред преземањето на поранешната британска колонија во 1997 година и дека совеста не дозволува Велика Британија да „крене раце и да се сврти” ако Кина продолжи да го спроведува планот.
– Околу 350.000 граѓани на Хонг Конг имаат пасоши на „британски државјани во странство” (БНО), што е наследство од колонијалната ера, а други 2,5 милиони имаат право да аплицираат за нив, изјави Џонсон.
Доколку Кина наметне нов закон за безбедност, Велика Британија ќе ги промени своите правила за имиграција за граѓаните на Хонг Конг, кои според зборовите на Џонсон ќе биде „една од најголемите измени во визниот систем во британската историја”.
Британскиот министерот за надворешни работи, Доминик Раб, изјави дека Велика Британија преговара со државите од сојузот „Пет очи” за тоа како да се реши потенцијалниот „егзодус” на луѓето од таа област и додаде дека Велика Британија веќе има поддршка од САД, Австралија и Канада и планира да ја прошири коалицијата во африканските и јужноамериканските нации.
Адвокатот од Хонг Конг, Мартин Ли, поранешен парламентарец и еден од авторите на Основниот закон на Хонг Конг, истакна дека понудата на британската Влада нема да им помогне на младите луѓе кои протестираа минатата година, од кои повеќе од 8.000 беа уапсени и на кои им се заканува нови тужби според законот за национална безбедност.
Џонсон упати последен апел до Пекинг да ги преиспита своите постапки и да се придржува кон меѓународните договори како водечка членка на светската заедница.