ОРМ: Штетите врз бизнисот ќе бидат уште поголеми доколку ситуацијата со Ковид-19 наскоро не се подобри

Кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата има големо влијание на 82 отсто од македонските компании. Девет сектори во кои се ангажирани 62 отсто од вкупниот број вработени во стопанството се најмногу погодени од кризата, а дури 40.000 работни места се наоѓаат во непосреден ризик. Без адекватни мерки и поддршка за овие компании и вработени, сегашната стапка на невработеност во земјата ќе се зголеми и до пет процентни поени.

Ова се дел од резултатите од анкетното истражување што го спроведе Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) меѓу домашните компании, како основа за изготвување на неодамна објавениот извештај за брза процена на влијанието на Ковид-19, изработен од Меѓународната организација на трудот (МОТ), преку проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог”, финансиран од Европската Унија.

Во деветте најпогодени сектори од кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата се: услужните дејности, особено оние поврзани со храна и пијалаци; секторот на малопродажба; транспортот и складирањето; преработувачката индустрија, особено производството на прехранбени производи; и градежништвото. Дури 43 отсто од компаниите во овие сектори, особено микро и малите претпријатија, пријавиле пад на приходите за половина или повеќе, а 11 отсто привремено прекинале со работа. Околу половина од анкетираните компании изјавиле дека нивната компанија нема да го „преживее” третиот квартал од оваа година доколку ситуацијата со кризата значително не се подобри,покажуваат резултатите од анкетата.

-Оценка на најголемиот дел од компаниите кои учествуваа во истражувањето е дека досегашните економски мерки на Владата за поддршка во време на Ковид-19 кризата беа навремени, но дека големината на обезбедената поддршка и времетраењето на мерките нема да бидат доволни за да се постигнат посакуваните ефекти, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Според него, над 70отсто од анкетираните компании сметаат дека државната помош за исплата на платите на вработените треба да продолжи и до шест месеци, а повеќе од половината од компаниите се искажале дека треба да се обезбедат дополнителни даночни олеснувања во делот на персоналниот данок, данокот на добивка и ДДВ, како и да се зголеми обемот на бескаматни кредити кои би биле пласирале преку Развојната банка на Северна Македонија кои треба да придонесат што повеќе компании погодени од кризата да ја одржат својата економска активност, со што би избегнале стечај, ликвидација и отпуштање на вработените.

-Заедничко укажување на компаниите кои учествуваа во истражувањето е дека распределбата на државните средства и кредити во рамките на владините програми за поддршка треба да се прави на фер и транспарентен начин, потенцира Димитров.

Инаку, споменатиот извештај за брза процена на влијанието на Ковид-19 содржи 11 препораки за поддршка на работниците, компаниите и граѓаните, кои се разгледуваат во рамки на трипартитниот социјален дијалог меѓу владата, работодавачите и синдикатите.

ОРМ е единствен репрезентативен член на работодавачите во националниот економско-социјален совет, каде уште од почетокот на актуелната криза поднесува предлози за полесно надминување на последиците врз домашната економија. Истовремено, ОРМ редовно на својата интернет-страница www.orm.org.mk ги објавува сите информации, мерки и уредби на надлежните институции, а нуди и дополнителна асистенција и насоки за сите компании за тоа како да се користат мерките за полесно и со помали последици да ја надминат актуелната криза.

Треба да знаете
Последни објави